Луис Хамилтон е на добар пат да ги постави сите можни рекорди во Формула 1, откако шесткратниот светски шампион рутински стигна до победа на Ајфел ГП трката на легендарната патека Нирбургринг, триумфирајќи пред Макс Ферстапен во Ред бул и изненадувачки, Даниел Рикардо, првпат во тимот на Рено.
Оваа победа е вкупно 91. во кариерата на британскиот возач со што се израмнува со вечниот рекорд на Михаел Шумахер, и остана на добар пат да израмни уште еден рекорд на Германецот, тој од седум светски титули, со што сигурно ќе биде запишан во историјата како апсолутен рекордер.
По трката, тој доби посебен подарок од синот на Михаел Шумахер, Мик, кацига од времето кога Шуми возеше за Мерцедес.
„Не знам што да кажам. Кога ќе растеш го идолизираш тој што е најдобар. Не можев ниту да сонувам дека ќе бидам блиску до рекордите на Михаел“, изјави Хамилтон.
@LewisHamilton @SchumacherMick
Congrats on #91. pic.twitter.com/jzWf1QDZzO
— Mr. Pigz (@MisterPigz) October 11, 2020
Хамилтон успеа да го помине својот тимски колега и освојувач на пол-позицијата, Валтери Ботас, кој потоа во 19-тиот круг се откажа поради проблеми со моторот. Додека зад него имаше доста акција и излегувања на безбедносното возило, Британецот рутински дојде до целта.
Зад подиумот, Серхио Перез беше четврт за Рејсинг поинт пред Карлос Саинс Јуниор (Мекларен), Пјер Гасли (Алфа Таури), Шарл Леклер (Ферари), повратникот Нико Хилкенберг (Рејсинг поинт), Роман Грожан (Хас) и Антонио Џовинаци (Алфа Ромео). Кими Раиконен, во својата рекордна 323. трка заврши на 12. место, зад својот поранешен колега, Себастијан Фетел во Ферари.
RECORD EQUALLED!@LewisHamilton joins Michael Schumacher on 91 #F1 wins with victory at the Nurburgring pic.twitter.com/otypPxw6b8
— Formula 1 (@F1) October 11, 2020