Георгинио Вајналдум вели дека неговиот соиграч од Ливерпул и од холандската репрезентација, Вирџил ван Дајк минува низ пекол со повредата на коленото, но е сигурен дека ќе се врати на време за Европското првенство следната година.
Вајналдум се приклучи на Холандија за мечевите со Шпанија, БиХ и Полска, но овојпат без Ван Дајк, кој може да биде во аут до крајот на сезоната по операцијата на коленото во октомври.
„Вирџил ќе се врати со божја волја. Во моментов му е многу тешко, бидејќи ова е најлошото искуство како фудбалер. Поминува низ пекол. Но, тој е многу силен човек и постојано сме во контакт и знам како се носи со ситуацијата“, вели Вајналдум.
Иако повеќето големи клубови не сакаа да ги пуштат фудбалерите на интернационалната пауза поради опасност од повреди и од КОВИД-19, Вајналдум вели дека секогаш ќе биде тука за „Оранје“.
„За клубовите е јасно- никогаш нема гаранција дека фудбалерите ќе се вратат целосно подготвени. Но, како фудбалер, одлично е да се игра повеќе со Холандија. Сите знаат што значи ‘Оранје’ за нас. Се чувствувам добро и подотвен“, додава Холанѓанецот.