Б-групата на Европското првенство, во последното коло ќе привлече најголемо внимание. Белгија, со две победи избори пласман во осмина-финалето, а останатите три репрезентации имаат реални шанси да стигнат до нокаут-фазата.
Белгија, ја оправда фаворитската улога во оваа група и со победите над Русија (3:0) и Данска (2:1), го обезбеди првото место во групата. Во осмина-финалето, Белгијците ќе играат против третопласираниот тим од Д или Е-групата.
За преостанатото место или места се борат Финска, Русија и Данска. Данците иако се без бодови, по поразите од Финска (0:1) и Белгија (1:2), имаат реални шанси да бидат дури и втори во групата.
Во последното коло, Данска ќе игра против Русија, а Финска против Белгија.
Јасно е дека еден бод ги носи и Русите и Финците во осмина-финалето, бидејќи во првите две рунди тие освоија по три бода.
Во случај, Финска да загуби од Белгија, што е реално сценарио, а Данска да ја победи Русија, тогаш овие три репрезентации ќе имаат по три бода. Во тој случај ќе се формира мини табела.
Ако Данска ја победи Русија со два гола разлика, а Финска загуби од Белгија, тогаш на мини табелата Данците ќе бидат најдобри и ќе го освојат второто место во групата, Финците би биле трети, а Русите последни. Финците тогаш би се надевале дека ќе бидат една од најдобрите третопласирани репрезентации.
Доколку Данска ја победи Русија со еден гол разлика, а да притоа постигне минимално два гола, тогаш Данците и Русите би биле еднакви на мини табелата, а Финците би биле последни. Во овој случај би се гледале и резултатите на Данска и Русија против Белгија, а тига во предност би биле Данците.