Италија со 1:0 ја совлада Англија на „Сан Сиро“ за да осигура „трите лава“ следната сезона да играат во Лига Б во Лигата на нации на УЕФА, и во исто време да осигураат „мајсторка“ со Унгарија за пласман на завршницата на европското натпреварување, откако Унгарците ја шокираа Германија на гости со 0:1.
На „Сан Сиро“ немаше воодушевувачки фудбал, но тимот на Роберто Манчини успеа да стигне до клучна победа, откако во 68. минута, Џакомо Распадори постигна убав гол. Англичаните потоа имаа прекрасна шанса преку Хери Кејн, но Џиџио Донарума беше сигурен на голот, додека на другата страна, Италијанците имаа и една статива.
На „Ред бул арената“ во Лајпциг, пак, Германија си ги уништи шансите за првото место, откако Унгарија успеа да стигне до нова импресивна победа. Човек на одлука беше Адам Салаи, кој уште во 17. минута ги донесе гостите во водство. Доколку не загубат од Италија во последното коло, Унгарците ќе бидат на завршниот турнир.
Во елитната Лига А од следната сезона ќе биде репрезентацијата на Босна и Херцеговина, на која и беше доволен голот на Ермедин Демировиќ да ја совлада Црна Гора во балканското дерби и да го осигура првото место во групата 3 во Лига Б.
ЛИГА НА НАЦИИ УЕФА
ЛИГА А, ГРУПА 3
Италија – Англија 1:0
Германија – Унгарија 0:1
ЛИГА Б, ГРУПА 3
Босна и Херцеговина – Црна Гора 1:0
Финска – Романија 1:1
ЛИГА Ц, ГРУПА 4
Бугарија – Гибралтар 5:1