Револуционерната идеја на поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер за менување на правилата за офсајд е презентирана пред ФИФА, и тие се подготвени да ја тестираат, во потег кој може да донесе огромна трансформација на модерниот фудбал.
Венгер, откако ги одби сите понуди да стане тренер или спортски директор во некој голем клуб, почна да работи како шеф за глобален развој на фудбалот на ФИФА и подолго време лобира за промена на офсајд правилата.
Што е идејата на Французинот? Многу едноставно – тој би сакал да нема офсајд додека напаѓачот со било кој дел од телото кој може да го искористи да постигне гол е израмнет со претпоследниот противник.
Според „Тајмс“, правилото ќе биде тестирано во засега неименувана кинеска лига со можност да се применува глобално во блиска иднина. Како би изгледало тоа? Примерот на Рахим Стерлинг на следната фотографија покажува дека тој не би бил во офсајд, бидејќи неговата петица е израмнета со Џон Мекгин. Според сегашните правила, ова дефинитивно би било офсајд
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино е отпимист.
„Кога се работи за офсајдот, со менување на играта, со брзината на играта и со воведување на ВАР, јасно е кога е офсајд или не. Без ВАР, судиите сами го одлучуваа тоа. Со новото правило би виделе малку повеќе напаѓачки фудбал. Со предлогот на Венгер, напаѓачите ќе имаат повеќе простор и ќе се фаворизира напаѓачки фудбал. Прво мора да се тестира и да се види влијанието на играта. Ако е позитивно, тогаш зошто да не?“, вели Инфантино.