Фудбалерите на Порто, вечерва ќе го пречекаат Челси, во првиот четврт-финален натпревар во Лигата на шампионите. Поради корона-карантинот во Португалија, Порто ќе биде домаќин во Севилја.
Португаскиот тим, во претходната рунда, спротивно на сите прогнози го елиминираше Јувентус. Во таборот на Порто веруваат дека имаат квалитет да му се спротивстават на Челси.
„Јуве и Челси се различни тимови, но навика им е да играат на највисоко ниво, во двата тима има одлични фудбалери. Ние немаме таков буџет, но и ние сме клуб со богата историја, подготвени сме за Челси. Она што го направивме против Јувентус покажа дека имаме квалитет“, рекол тренерот на Порто, Сержо Консеисао.
„Против Јувентус 60 минути игравме со фудбалер помалку. Игравме како еден, бевме компактни. Натпреварот со Челси ќе биде поинаков, но ние сме подготвени“, изјавил капитенот Пепе.
Поучени од она што му се случи на Јувентус и разнишани од катастрофалниот пораз од ВБА во Премиер лигата, од Челси најавуваат дека максимално сериозно ќе им пристапат на двата натпревари.
Порто ќе се обидат да се пласираат во своето прво полу-финале по 2004 година, кога на крајот ја освоија титулата во Лигата на шампионите.
„Ова е тежок противник. Порто е добар тим, го видовме тоа против Јувентус. Покажаа против Јувентус заедништво и тимски дух. нема да биде лесно“, изјавил Матео Ковачиќ од Челси.