Легендата на Реал Мадрид и Милан, Кларенс Сидорф вели дека новиот тренер на Барселона, Роналд Куман може да го извлече максимумот од Лионел Меси и покрај тоа што во текот на летото Аргентинецот имаше неуспешен обид да си замине од клубот и јасно беше незадоволен од ангажирањето на Куман.
Минатата сезона Барселона не освои трофеј првпат по една деценија и Меси има целосно право да го критикува клубот, вели Сидорф, но сега е време за работа. Холанѓанецот Сидорф останува единствениот фудбалер во историјата кој освоил титули од Лигата на шампионите со три различни клубови (Ајакс, Милан, Реал Мадрид).
„Обично не ги ценам работите по тоа што се пишува во весниците, бидејќи никогаш не ги знаеш вистинските причини зошто некој го кажува тоа и што се случува зад сцената. Предолго сум тука за да ги судам интервјуата на фудбалерите. Но, Меси има право да се искаже како што сака, бидејќи добро знае какви се последиците. Којзнае, можеби така се мотивира, можеби е тактика. Куман беше добар избор за Барса, бидејќи има искуство и е легенда на клубот и тоа ќе донесе одреден мир. Мислам дека има доволно знаење да се смири со Меси и да го хармонизира со остатокот на тимот. Сигурен сум дека Барселона ќе биде конкурентна оваа сезона“, објаснува Сидорф.