Специјалниот пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19, Дејвид Набаро повика на поголема еднаквост во дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет. Британскиот лекар за Скај Њуз изјави дека е „апсолутно разбирливо“ тоа што Велика Британија обезбедила големи залихи на вакцини, но сепак истакна дека нејзината влада треба да започне да размислува да ги испраќа во земјите во развој, бидејќи најранливиот дел од британската популација е вакциниран.
„Сметам дека залихите треба да се дистрибуираат во други земји, кога ќе заврши вакцинацијата на лица постари од 50 години“, рече Набаро, како што пренесе Гардијан.
Тој додаде дека секој премиер, секоја пратеничка група треба да формира свое мислење, но „навистина големото прашање е што е најдобро за економијата, општеството и како ќе бидат запаметени за 10 до 20 години“.
„Дали сакаме да останеме запаметени како генерација во која оние коишто имаа пари го вакцинираа своето население, а оние коишто немаа мораа да се справат со драматичното зголемување на смртноста кај здравствените работници? Не верувам во тоа. Сметам дека на тој начин ниту еден поединец не сака да биде запаметен кога ќе погледне наназад”, рече Набаро.