Бугарскиот министер за одбрана ќе биде разрешен оти не сака да го користи зборот војна за руската инвазија

пред 2 години

Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека ќе го смени министерот за одбрана Стефан Јанев, по неговото одбивање да ја нарече руската инвазија војна.

Петков рече дека коалициската влада ќе се состане во текот на денот за да гласа за смената на министерот и да предложи нов министер за одбрана. Петков рече дека сите коалициски партнери се согласиле Јанев да биде отстранет од функцијата.

„Мојот министер за одбрана не може да го користи зборот операција наместо зборот војна. Не можете да кажете операција кога веќе се убиени илјадници војници од двете страни“, рече Петков.

„Интересот на Бугарија не е да ја наведнеме главата… Кога ќе видиме нешто со кое не се согласуваме, нешто толку очигледно, не можеме да молчиме“, рече Петков.

Во објава на Фејсбук, Јанев напиша дека е цел на цел напад, со план да биде заменет со некој кој ќе биде поотворен за одлуки кои им служат на странски интереси и може да ја загрозат безбедноста на Бугарија.

Петков ја критикуваше неговата изјава, велејќи дека ниту еден од неговите министри нема право на „своја надворешна политика, особено на Фејсбук“, ниту пак верува дека неговото останување на функција е директно поврзано со стабилноста на владата.

Петков рече дека Бугарија, членка на ЕУ и НАТО, не е принудена да носи никакви одлуки од западните сојузници, но нагласи дека најголемата гаранција за безбедноста на црноморската земја е во единството со другите членки на ЕУ.

Петков беше принуден да објасни во декември дека Бугарија сè уште не разговарала за распоредување на силите на НАТО во земјата како одговор на трупањето руски сили на украинската граница, откако Јанев објави на Фејсбук дека верува оти такви сили не се потребни.

Share
Scroll to Top