Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му се заблагодари на јужнокорејскиот претседател во заминување Мун Џае-ин за неговите напори да ги подобри односите меѓу двете земји, објавија денеска официјалните севернокорејски медиуми.
Ким и Мун ги споделија ставовите дека меѓукорејските односи ќе се подобрат и ќе се развиваат според желбите и очекувањата на корејската нација доколку Северот и Југот вложат неуморни напори и надеж, наведуваат агенциите.
Претседателството во Сеул потврди дека двајцата лидери размениле пријателски писма, но не се дадени детали.
Неочекуваниот гест доаѓа во време кога Сеул и неговите сојузници се сомневаат дека Пјонгјанг се подготвува да продолжи со нуклеарните тестови.
Наследникот на Мун Џае-ин, Јун Сук-џеол, ја презема функцијата на 10 мај. Тој вети дека ќе заземе цврст став кон Пјонгјанг.
Претседателот на Јужна Кореја во заминување трипати се сретна со Ким Џонг Ун и придонесе за разговорите меѓу севернокорејскиот лидер и тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп.