Грција размислува за задолжителна вакцинација кај одредени категории

пред 3 години

Задолжителната вакцинација на здравствените работници и работниците во домовите за стари лица е неизбежна, изјави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, пред грчкиот парламент.

За време на дебатата за дигиталниот сертификат, тој посочи дека „најголемиот успех на медицината во 20 век се масовните вакцинации“.

„Големо научно достигнување е што развивме вакцини за помалку од една година. Ова е чудо на науката. Наскоро ќе има официјална позиција за прашањето за задолжителна вакцинација на здравствените работници и работниците во домовите за стари лица. Владата ќе донесе одлука со јасен приоритет во јавното здравство“, рече Мицотакис.

Во меѓувреме, професорот по уставно право Антонис Манитакис, за Државното радио изјави дека „секоја мерка што ќе се смета за неопходна за заштита на јавното здравје – и која е поддржана од Комитетот на здравствени експерти – е законска“.

Работодавците можат законски да им забранат на своите вработени да дојдат на работа ако одбијат да бидат вакцинирани против Ковид-19, рече тој.

Манитакис не се согласи со коментарите на министерот за развој Адонис Георгиадис, кој рече дека приватните бизниси треба да имаат право да отпуштаат работници кои одбиваат да бидат вакцинирани против коронавирусот.

„Отпуштањето на невакцинираните работници ќе биде последно средство. Таквата политика не е ниту неопходна ниту законска”, рече Манитакис. Тој додаде дека компаниите можат законски да ги раздвојуваат вакцинираните и невакцинираните работници – на пример, во смени.

 

Share
Scroll to Top