Ердоган: Западот буквално пречи да се реши кризата меѓу Русија и Украина

пред 2 години

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рече дека САД и другите западни земји не направиле ништо за да ја решат кризата меѓу Русија и Украина и дека само им пречат.

Ердоган, кој сака да биде посредник меѓу Москва и Киев, рече дека ниту еден европски лидер не е способен да ја реши кризата и дека американскиот претседател Џо Бајден, исто така, досега не придонел за тоа. Турскиот претседател кој е близок и со Украина и со Русија подвлече дека многу ја цени планираната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Турција.

Ердоган ова го изјави по средбата со украинскиот колега Володимир Зеленски во четвртокот во Киев, каде што ја повтори понудата на Турција за посредување во кризата со Москва, што Украинецот го поздрави.

„Морам да го кажам ова многу јасно: ако внимателно следите, Западот за жал не придонесе на кој било начин да се реши оваа ситуација“, изјави турскиот претседател пред новинарите на летот назад за Анкара.

Гледајќи ги САД, додаде Ердоган, Бајден досега не покажа позитивен пристап кон оваа тема.

Соединетите држави и европските земји се загрижени поради руското групирање војници на границите на Украина и ја обвинуваат Москва дека планира инвазија на земјата. Русија го отфрла ова и бара од Западот правни гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток или да инсталира ракетни системи во близина на нејзината граница.

Ердоган најави дека Турција, како членка на НАТО, ќе направи се’ што е потребно во случај на руска инвазија, но ја отфрла идејата за воведување санкции кон Москва.

Иако гради енергетска и одбранбена соработка со Русија, Турција се спротивстави на политиката на Москва во Сирија и Либија, како и на руската анексија на Крим во 2014 година. Турција продаде софистицирани воени беспилотни летала на Украина.

Share
Scroll to Top