ЕУ ги продолжи економските санкции за Русија

пред 3 години

Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ едногласно одлучија да ги продолжат економските санкции против Русија за дополнителни шест месеци, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Лидерите на Европскиот совет се едногласни за продолжување на економските санкции против Русија. Ја повикуваме земјата да се придржува до својот дел од договорот и да продолжи со спроведувањето на договорите од Минск“, изјави синоќа Мишел, пренесе руската агенција „ТАСС“.

Неименуван европски претставник за „ТАСС“ изјави дека санкциите ќе бидат продолжени до 31 јули.

Според дипломатот, одлуката ќе биде донесена во наредните недели и официјално објавена во Службениот весник на ЕУ.

Сегашните ограничувања требаше да важат до 31 јануари.

Лидерите на Европската унија на вчерашниот самит се согласија и дека ќе воведат дополнителни економски санкции кон Русија, во тандем со САД и Велика Британија, доколку руската армија ја нападне Украина.

„Секоја натамошна воена агресија против Украина ќе има огромни последици и сериозни трошоци како одговор, вклучително и рестриктивни мерки координирани со партнерите“, рекоа лидерите на ЕУ во последната изјава објавена по вчерашниот самит во Брисел.

Иако на самитот не се разговараше за санкциите, дипломатите посочија дека новите мерки може да бидат насочени кон руски олигарси, забрана за трансакции на ЕУ со приватни руски банки и можно исклучување на сите руски банки од мрежата SWIFT.

Лидерите на ЕУ, исто така, порачаа дека блокот „ги охрабрува дипломатските напори и го поддржува нормандискиот формат за постигнување целосна имплементација на договорите од Минск“, мислејќи на мировните договори од периодот 2014-2015 година, договорено со Германија, Франција, Украина и Русија.

Во 2014 година, ЕУ воведе санкции кон Русија поради настаните во Украина и припојувањето на Крим кон Руската Федерација.

Кремљ ги негира обвинувањата на Западот, вклучително и каков било план за инвазија на Украина.

Share
Scroll to Top