Кина размислува да комбинира вакцини за да ја подобри ефикасноста

пред 3 години

Висок кинески службеник на Службата за превенција на болести, Гао Фу, изјави дека владата размислува да ги меша вакцините против Ковид-19, велејќи дека ефективноста на сегашните вакцини не е многу голема, објави „Ројтерс“.

Ефикасноста на кинеските вакцини е помала отколку на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, но нивниот транспорт и складирање се поедноставни.

„Во моментов достапните вакцини немаат многу високо ниво на заштита“, рече Гао Фу, директор на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести, на прес-конференција во кинескиот град Ченгду.

„Се разгледува имунизација со помош на вакцини со различни технички својства“, рече Гао.

Тој додаде дека преземањето на овие чекори е со цел да се оптимизира процесот на вакцинација, вклучително и промена на бројот на дози и интервалот помеѓу дозите.

Кина разви четири домашни вакцини за јавна употреба, а здравствените власти во саботата рекоа дека државата најверојатно ќе произведе три милијарди дози до крајот на годината.

Што се однесува до „Синовак“, ефикасноста на вакцината беше 50 проценти во Бразил, а 83,5 проценти во Турција.

Кога станува збор за „Синофарм“, две различни студии покажаа дека вакцината е ефикасна 79,4 и 72,5 проценти, според првичните резултати.

Share
Scroll to Top