Москва нема намера да воведе полициски час или да ја намали продажбата на алкохолни пијалоци за време на новогодишните празници, и покрај зголемувањето на бројот на заболени со коронавирус, изјави градоначалникот на руската престолнина, пренесува Интерфакс.
„Нема да го ограничиме дружењето ниту имаме намера да воведеме полициски час“, изјави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.
„Заострувањето на сегашните мерки и воведувањето нови ограничувачки мерки е оправдано само кога здравствениот систем повеќе не може да се справи со приливот на нови пациенти. Во моментот немаме таква ситуација во Москва“, додаде тој.
Според официјалните податоци, во Русија во последните 24 часа се регистрирани 488 смртни случаи, а официјалниот број на починати во земјата од почетокот на пандемијата е 46.941. Властите, исто така, објавија дека во последните 24 часа се потврдени 28.080 нови случаи на коронавирус.