Претседателот на кипарскиот парламент поднесе оставка поради „златните пасоши“

пред 4 години

Претседателот на кипарскиот парламент Деметрис Силурис поднесе оставка поради скандалот со издавањето пасоши на странски инвеститори.

На крајот на септември, кипарската ревизорска институција објави дека е можно да се издадени илјадници пасоши без соодветно одобрение според шемата „државјанство за инвестиции“.

Тоа е програма за која критичарите тврдат дека странците ја користат за криминал и перење пари, бидејќи за инвестиција од најмалку два милиони евра се дава кипарски пасош, со кој се гарантира безвизно патување во ЕУ.

Оваа шема е популарна меѓу граѓаните на Русија, Украина, Кина и, неодамна, на Камбоџа.

Кипарската ревизорска куќа, независно тело, соопшти дека нејзината истрага тврди дека владата ги надминала своите овластувања во давањето државјанство не само на поединци туку и на нивните семејства.

„Овластувањето дадено на Советот на министри се однесува на странски деловни луѓе и инвеститори, а не на членови на семејството“, се наведува во извештајот.

Можно е да има илјадници такви случаи, пишува „Ројтерс“.

Од друга страна, Министерството за внатрешни работи на Кипар, кое е одговорно за издавање пасоши, ги обвини ревизорите дека со истрагата ги надминале своите овластувања.

Share
Scroll to Top