Протест во Истанбул: „Бегалците се оставени да умрат, а цел свет молчи“

пред 3 години

Стотици лица денеска маршираа до грчкиот конзулат во Истанбул во знак на протест поради смртта на 19 бегалци во близина на грчко-турската граница.

Турските власти соопштија дека бегалците замрзнале претходно оваа недела откако грчките граничари илегално ги вратиле преку границата, но официјална Атина жестоко ги отфрли овие наводи, пишуваат агенциите.

На демонстрациите, организирани од турски хуманитарни групи, околу 300 демонстранти маршираа до конзулатот во близина на една од главните трговски улици во Истанбул со транспаренти на кој пишуваше „Затворете ги границите на расизмот, отворете ги за човештвото“.

На обраќањето на претставниците на хуманитарните организации пред насобраните демонстранти беа присутни десетици полицајци.

„Бегалците беа оставени да умрат, а целиот свет молчи за тоа“, рече Фехми Булент Јилдирим, претседател на Групата за хуманитарна помош ИХХ и го повика Европскиот парламент да преземе акција што е можно поскоро и да престане со ваквиот суров третман против човештвото.

Кенан Алпаи, потпретседател на хуманитарната група „Озгур-Дер“, рече дека смртта на 19-те бегалци од студот е показател за бруталност што оди подалеку од лицемерието и ја повика грчката влада да се откаже од таквата несоодветна политика.

Турција често предупредува дека Грција ги одбива бегалците кои сакаат да ја преминат северозападната копнена граница или се обидуваат со гумени чамци да стигнат до грчките острови во Егејското Море.

Share
Scroll to Top