САД испраќаат свои агенти во Хаити по убиството на претседателот

пред 3 години

Агенти на ФБИ и Националната безбедност се испратени во Хаити за да помогнат во истрагата за атентатот врз претседателот Жовенел Моиз, соопшти Белата куќа неколку часа откако двајца Американци беа обвинети за заговор, но Вашингтон не планира да испрати воена помош.

Во обид да ја смири ситуацијата, сенатот на Хаити назначи привремен претседател, а властите побараа од САД и Обединетите нации да испратат трупи на Хаити за да помогнат во обезбедувањето на важни стратешки позиции во земјата по убиството на претседателот Моиз.

„Како одговор на барањето од властите на Хаити за помош во истрагата и одржувањето на безбедноста, ќе испратиме што е можно повеќе службеници на ФБИ и ДХС во Порт-о-Пренс за да ја проценат ситуацијата и да утврдат како можеме да помогнеме“, рече портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, и додаде дека ќе биде обезбедена и финансиска помош.

Сепак, висок службеник на американската администрација рече дека САД засега не планираат да обезбедат воена помош.

Американските агенции за спроведување на законот и разузнавачките служби сè уште работат на првична проценка за тоа што се случило рано утрото во средата, кога напаѓачи упаднаа во резиденцијата на Моиз и пукаа во него. Од повредите Моиз почина, а неговата сопруга во тешка состојба беше пренесена во болница.

Ситуацијата ја компликува обвинението дека во атентатот учествувале двајца американски државјани, двајцата од Јужна Флорида.

Share
Scroll to Top