Британскиот премиер Борис Џонсон повика на претпазливост, бидејќи се очекува да ги потврди плановите за отстранување на скоро сите преостанати ограничувања од Ковид-19 во Англија од 19 јули, и покрај зголемувањето на бројот на новозаразени случаи, пренесуваат британските медиуми.
Минатата недела Џонсон даде предлози за укинување на правилата за носење маски и социјален контакт, како и упатства за работа од дома, нарекувајќи го процесот „еднонасочна улица кон слободата“. Конечната одлука се очекува да ја соопшти денеска на прес-конференција.
„Глобалната пандемија сè уште не е завршена“, рече тој во изјавата дадена доцна синоќа.
„Бројката на новозаразени со коронавирус ќе расте додека се отвораме и додека ги потврдуваме нашите планови, нашата порака ќе биде јасна. Клучно е вниманието и сите мора да преземеме одговорност за да не го поништиме нашиот напредок“, рече тој.
Велика Британија спроведе една од најбрзите светски програми за вакцинација, со повеќе од 87 проценти од возрасните кои имаат примено барем една доза вакцина против Ковид-19 а 66 проценти добиле две дози, соопштија медиумите.
И покрај ова, во последниве недели во оваа земја има неверојатен пораст на инфекции, до стапки што не се забележани од зимата.
Владата тврди дека иако бројките се зголемени, сепак процентот на смртни случаи и хоспитализации е далеку помал отколку порано, доказ дека вакцините спасуваат животи и дека е побезбедно да се отворат.
Надим Захави, министер за распоредување на вакцини против ковид, вчера беше повнимателен во изјавите.
Иако маските за лице повеќе нема да бидат задолжителни, во упатствата ќе биде наведено дека „од луѓето се очекува да носат маски во затворено“, рече тој.
Од канцеларијата на Џонсон велат дека зеленото светло за укинување на ограничувањата зависи од исполнување на четири услови: доволно вакцинирани лица, вакцини што ги намалуваат хоспитализациите и смртните случаи, болници без притисок и соеви кои не претставуваат преголем ризик.
Некои научници и официјални лица изразија загриженост дека властите пребрзо ги укинуваат ограничувањата.
„Знам дека владата навистина сака да ги врати луѓето во канцелариите, но мислам дека во текот на следните четири до шест недели компаниите ќе треба да го сторат тоа многу внимателно, за да не се зголеми бројот на заразени“, изјави англиска професорка по јавно здравство Сузан Хопкинс за тамошните медиуми.