Тимот на американската вселенска агенција НАСА, задолжен за лендерот InSight Mars, одлучи да го продолжи времетраењето на мисијата со цел да се „максимизираат научните истражувања“.
Лендерот требаше да го исклучи својот сеизмометар, единствениот активен инструмент на InSight, до крајот на јуни за да ја зачува енергијата за преживување на сондата до декември 2022 година. Проблемот на лендерот е акумулираната прашина на соларните панели.
Меѓутоа, откако размислувале, тимот го сменил планот и ќе го програмира лендерот за да може сеизмометарот да работи уште малку, до август или септември, се разбира, доколку се биде добро. Сепак, ќе има цена, бидејќи батериите на лендерот би можеле да се испразнат порано од очекуваното. Добрата страна секако е можноста сеизмометарот да открие повеќе мистериозни земјотреси на Црвената планета.
„InSight сè уште не го завршил проучувањето на Марс. Ќе ги собереме сите можни научни податоци пред лендерот да ги заврши своите операции“, рече Лори Глејз, директорка на Одделот за планетарна наука на НАСА во Вашингтон.
InSight веќе е во проширена мисија бидејќи претходно ги постигна сите свои научни цели. Од слетувањето на Марс во 2018 година, откри повеќе од 1.300 земјотреси на Марс и им овозможи на научниците да ги проучуваат кората, обвивката и јадрото на планетата. Тој исто така собирал податоци за времето, ја истражувал почвата на Марс и нејзиното магнетно поле и на тој начин постигнал огромен успех. Сите негови инструменти освен сеизмометарот се веќе деактивирани. Со цел да се продолжи работата на сеизмометарот, тимот на Земјата го исклучи и системот за заштита од грешки на InSight, кој инаку активира безбеден режим на работа, со што им овозможува на инженерите да ги решат можните проблеми.
„Целта е да се соберат научни податоци до точка каде што InSight воопшто не може да работи, наместо да штеди енергија и да управува со лендерот без научна корист“, рече Чак Скот, проект менаџер во Лабораторијата за млазен погон на НАСА.