Непалскиот шерпас Ками Рита, кој со години води планинарски тури на Монт Еверест, го подобри сопствениот светски рекорд, откако по рекорден 25. пат се искачи на планинскиот врв. Со уште 11 свои колеги, тој беше дел од првата група планинари кои оваа сезона се искачија на „покривот на светот“, а попатно ја подготвуваа и патеката за стотиците странски планинари кои ќе се обидат да се искачат на Монт Еверест овој месец.
Рита (51), чиј татко бил меѓу првите шерпаски водичи, првпат се искачил на Монт Еверест 1994 година и оттогаш го повторил подвигот речиси секоја година. Тој е еден од многуте шерпаски водичи чии вештини и стручност се од гтолемо значење за безбедноста и успехот на стотици планинари кои секоја година доаѓаат во Непал.
Еверест цела година беше затворен за искачувања и од непалската и од кинеската страна поради пандемијата. Непал за оваа сезона издаде 408 дозволи за искачување, но моментално се соочува со ново големо ширење на заразата, што за првпат стигна и до базниот камп.






