Ќе се навикнете без мене, вели Меркел на крајот на мандатот

Ќе се навикнете без мене, вели Меркел на крајот на мандатот

пред 3 години

По 16 години работата, германската канцеларка Ангела Меркел годинава се пензионираше откако воопшто не се кандидираше за нов мандат. На изборите со тесна разлика пред ЦДУ/ЦСУ победија Социјалдемократите. Па така, од неодамна, таа е само вршител на должноста, откако Бундестагот имаше конститутивна седница.

Меркел во есклузивно интервју за германскиот медиум Дојче Веле сподели свои мислења и ставови околу нејзиното долгогодишно работење. На забелешката дека човек воопшто не може да си замисли по 16 години со Меркел на канцеларското столче да седне друг, таа вели: „Ќе се навикнете и на тоа”.

За неа најголеми преизвици во текот на нејзиниот мандат биле бегалскиот притисок од Сирија и околните земји, како и корона-пандемијата

„Во двата случаи, видовме како тоа директно ги засега луѓето кога се работи за човечки судбини“, вели таа.

Смета дека Германија успеала да се справи со приливот на 800.000  бегалци во 2015 година и дека иако не поминало сѐ идеално, сепак имала огромна помош од многу сограѓани, градоначалници, волонтери и хуманитарци.

„Кога ќе помислам на некои матуранти, имаме прекрасни примери на успешен личен развој. Но, сѐ уште не успеавме да ги решиме причините за бегалскиот бран. Не успеавме ниту да обезбедиме единствена политика за азил и миграција во Европа. Овде има уште многу работа“, вели таа за мигрантите.

За неа, тоа што сѐ повеќе луѓе во светот го доведуваат во прашање мултилатерализмот, претставувало своевидна криза за време на својот мандат.

„Тоа мене отсекогаш ми било важно и секогаш се обидував да ги зајакнам меѓународните организации како ММФ, Светската банка, Светската трговска организација и други“, вели таа.

Меркел додава дека мора многу, многу побрзо да се делува во борбата против климатските промени.

„Мораме повторно да ги следиме проценките на науката и да се држиме до тие 1,5 степени затоплување“, додава таа.

Меркел пред да дојде на канцеларската функција беше министерка за животна средина и го водеше првиот климатски самит на ООН во 1995 во Берлин. Пред неколку дена, таа беше и на последната климатска конференција на ООН, која до средината на ноември се одржува во Глазгов.

„Глазгов веќе донесе одредени резултати, но, од перспектива на младите луѓе е оправдано што мислат дека развојот сѐ уште е премногу бавен. Затоа им порачувам на младите дека мора да вршат притисок”, вели канцеларката.

Сепак, ова не го смета за личен неуспех во однос на климатската политика. Таа вели дека за секоја одлука во однос на климатската заштита е потребно мнозинство, но дека при носењето на ваквите одлуки секогаш постојат стравувања од социјалните последици при строги кратења на пример кај личната потрошувачка.

„Јас секогаш сум била силен поборник, но, сепак, денес не можам да кажам дека резултатот е задоволителен“, вели таа, иако признава дека морала да уважи дека проценките на научниците во секој следен извештај биле „сѐ полоши и сѐ пострашни”.

Изминатиов период, добри проштални посети од огромен број шефови на држави и влади, додека францускиот претседател Емануел Макрон ја покани во гратчето Бон каде ја одликуваше со Големиот крст на легијата на честа, орден од највисок ранг во Франција.

Знам дека има и луѓе кои не се задоволни со мојата политика. Но, кога сум во Франција, каде историски не секогаш сме имале пријателски чувства едни за други, секако дека ме радува што дојдоа толку многу луѓе за да го поздрават претседателот Макрон и мене. Морам да признаам дека тоа ми беше убаво доживување“, вели таа, признавајќи дека тоа доста ја трогнало.

Минатата недела во Италија, на самитот на Г20 во Рим, канцеларката неколку пати демонстративно се покажа во друштво на човекот којнајверојатно ќе ја наследи, социјалдемократот Олаф Шолц, актуелниот министер за финансии. Тој во Берлин води преговори со Зелените и Либералите за формирање нова влада под негово водство.

„Ако имаат чувство дека помеѓу актуелната канцеларка и веројатниот наследник има разбирање, тоа е смирувачки сигнал за светов, кој е прилично турбулентен и сметав дека е исправно тоа да се порача”, вели таа.

По заминувањето од функцијата, таа сè уште не е сигурна што ќе прави. Вели дека прво малку ќе одмори, а потоа ќе види што ќе ѝ падне на памет. Во секој случај, многу ќе чита и ќе спие.

Меркел вели дека препуштањето на власта е едно од последните работи кои ќе ги направи во својство на канцеларка. Како што и претходно нагласи неколкупати, така и овој пат рече дека тоа лесно ќе го стори. Додава дека од една страна се радува, но, од друга страна, секако ќе ѝ се појави малку чувство на тага, бидејќи секогаш работела со мерак и сè уште така.

„Ќе останам внимателна до последниот работен ден“, вели таа.

Share
Scroll to Top