Глумецот Висар Вишка се соблече гол и на „Фејсбук“ објави видео во кое им се заблагодари на пријателите и фановите за роденденските честитки. Вишка вчера наполни 44 години и откри дека роденденот го поминал работно.
„Здраво на сите, благодарам што ми честитавте роденден. Цел ден го правам тоа што го сакам најмногу, снимам. Ве сакам сите, и држете ми среќа, затоа што ова што го работам сега ми е многу важно“, вели тој на англиски, македонски и албански јазик..
Познатиот глумец е роден во Гостивар на 17 јануари 1977 година. Дипломирал на факултетот за драмски уметности во Скопје. Во кариерата има одиграно многу театарски и филмски улоги, а последната поголема улога во Македонија му беше во серијата „На терапија“. Тој игра и во албанскиот филм „Отворена врата“ кој годинава е кандидат за Оскар. Работеше и како советник за култура на министерот Асаф Адеми во 2018 година.
Вишка беше оженет со водителката Елена Митева од „Утринска на Телма“, со која го има синот Дион.