На втората вечер на Моден фестивал Скопје во Сити мол, се одржаа четири ревии на македонски дизајнери. Пред публиката, своите колекции ги претставија Мелани Дигит, Сара Реџиќ, Ателје Краљевски и Роберт Ивановски.
Мелани Дигит ја промовираше колекцијата „Фигура“, во која доминираа капути, мантили и бунди. Таа претстави парчиња од реобновлив текстил и креации кои одговараат и за жените и за мажите.
Дизајнерката Сара Реџиќ создаде специфична колекција со традиционални плетива и мноштво дезени. Понесена од хипи движењето, кое е печат на нејзиниот бренд, таа овој пат креираше триесет парчиња наречени „Јесенија“.
„Колекцијата е романтична и одржлива приказна која трае повеќе од деценија и продолжување на сè она што со години го работам. Во секоја креација се препознава и чувствува мојата љубов кон правењето облека“, рече дизајнерката.
Во креациите на ателјето Краљевски доминираа металик фустани, капути од змиски принтови и тантела здолништа.
Втората вечер заврши со ревијата на Роберт Ивановски, кој претстави 11 машки модели со асиметрична линија. Во колекцијата доминираа кралско сината и црната боја.
„Брендот создава современа облека за урбани луѓе, кои имаат тенденција да вклучат уметност и безвременски дизајн во нивното секојдневие. Модерен и минимален гот дизајн се главните карактеристики за нашиот стил“, изјави Ивановски.
Фото: Антонио Станков и Марко Вилиќ.