Онлајн-платформата Ways2Help веќе две и пол години е поддршка на социјално загрозените семејства во земјата. Преку нивната платформа хумани граѓани и компании им ги плаќаат сметките за струја и вода на оние што тоа не може да си го дозволат. Досега помогнале на двесте семејства со плаќање над две илјади сметки.
Зад оваа инцијатива во моментот стојат тринаесет ентузијасти, кои функционираат волонтерски. Идејата почнала од учеството на „Стартап викенд – Македонија“, а целта била да им помогнат на семејствата што се погодени од пандемијата.
„Во април 2020 година се споивме пет млади ентузијасти, кои бевме на натпреварот, каде што требаше за еден викенд да ја реализираме идејата. Од прототип, бизнис-план и за 50 часа успеавме да победиме на натпреварот“, рече Марта Толевска од Ways2Help за Репортер.
Најпозната постојана акција на платформата е „Плати сметка“ преку која целосно електронски се покриваат трошоците за струја и вода на семејствата од социјален ризик.
„На почетокот ни беше страв дека акцијата нема да се реализира успешно кај нас. Но, за изненадување, многу успешно се покажа уште од самиот почеток. Еден ден ,без никаква најава, направивме само проба, ги поставивме сметките и за неколку часа се платија 20-ина сметки. Бевме изненадени и продолживме, еве досега имаме приближно 2.000 платени сметки. Тоа се речиси повеќе од шест милиони денари или над 30-40 илјади евра“, раскажа Толевска.
Плаќањето на сметка за вода моменто е во функција само во Скопје бидејќи се лимитирани со платформите за плаќање вода во другите градови.
„Најспецифично за нас е што сакаме да бидеме транспарентни и плаќањето да оди директно на сметката на ЕВН, односно се користи нивниот платежен систем и ние немаме никаков контакт со парите“, рече Марта.
Секојдневно се среќаваат со разни приказни од семејствата на кои им е најпотребна помош. Една од нив е онаа на девојка што одлучила парите што ги планирала за својата роденденска прослава да ги донира за социјално загрозени семејства.
„Неодамна младоженец и невеста ни се јавија и сакаа да помогнат. Гостите на свадбата, место да носат цвеќе, оставале пари, кои потоа парот ги донира за социјално загрозените семејства“, раскажува Марта.
Марта и Александра од Ways2Help раскажаа и со какви тешкотии се соочуваат семејствата од социјален ризик.
„Имаме семејства што шест години немале струја или воопшто немале, па децата учат кај соседите или на дневна светлина. Им враќаме светло. И самите солзи радосници, целата таа енергија, дополнително нè мотивира“.
Во рамките на Ways2Help се спроведуваат и акциите „Донирај училиштен прибор“ и „Донирање новогодишни пакетчиња“, кои се физички акции.
Голам поддршка добиваат од организацијата „Љубезност“, која прави детаљна проверка на семејствата и со тоа ја одржува довербата на донаторите дека средствата што се донираат одат во вистинските раце.
Неодамна победија на натпревар на Deutsche Telekom, со што добија парична поддршка за остварување на идните цели. Kако тим се стремат да направат долгорочна помош за социјално загрозените семејства.
„Неодамна добивме мотивација за нова иницијатива, која сакаме да ја споиме со Ways2Help. Тоа е Box2Help, каде што, освен сметки за струја и вода, ќе може да се донираат пакети храна и санитарни производи“, ракскажа Александра.
Бидејќи функционираат на волонтерска база, постојано добиваат помош од истомисленици и луѓе што сакаат да помогнат.
„Ни се нудат програмери и маркетинг-услуги бесплатно затоа што знаат дека ние ова го правиме од љубов и дека им помагаме на многу луѓе.“, вели Александра од Ways2Help.
Габриела Додевска