Владата донесе одлука за постоење на кризна состојба на дел од територијата

пред 4 години

Владата донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на земјата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија.

Со оваа одлука, периодот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија се определува најмногу до 30 дена, почнувајќи од 1 април 2021 година.

„Во врска со оваа одлука, Владата донесе заклучок да се информираат претседателот на Република Северна Македонија и Собранието, и заклучи да му предложи на претседателот на Република Северна Македонија да донесе одлука за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справувањето со кризната состојба“, соопшти Владата.

Владата му препорача на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со ситуацијата на подрачјата на јужната и северната граница на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со кризната состојба.

Претходно денеска, Групата за процена на Владата предложи да се донесе одлука за постоење кризна состојба на јужната и северната граница на државата заради заштита на јавното здравје од илегална миграција. Пред само неколку часа, претседателот Стево Пендаровски ја повлече Армијата од државната граница бидејќи Собранието не доенсе одлука за родолжување на кризната состојба.

Share
Scroll to Top