Терзиќ вети напаѓачки фудбал со Дортмунд

Терзиќ вети напаѓачки фудбал со Дортмунд

пред 3 години

Един Терзиќ, човекот кој ја доби задачата да го замени Лусиен Фавр на клупата на Борусија Дортмунд до крајот на сезоната, вети дека неговиот тим ќе игра напаѓачки фудбал, почнувајќи од гостувањето кај Вердер во вторник.

Дортмунд го отпушти Фавр по саботниот 1:5 пораз од Штутгарт, најтешкиот домашен пораз по повеќе од една деценија и му даде шанса на Терзиќ, поранешниот помошник тренер на Славен Билиќ во Бешикташ и Терзиќ и човекот кој работеше како скаут под Јирген Клоп на „Вестфален“.

„Последните 48 часа не беа нормални бидејќи уште боли поразот од саботата. Сакам да му се заблагодарам на Лусиен, но сега работите се движат бргу и мораме да покажеме реакција. Тоа што го видовме во саботата не беше Борусија Дортмунд. Утре мора да покажеме ново лице. Јас сум продукт на Борусија Дортмунд, роден сум во регионот и навивач сум со години. Работам тука веќе 10 години и знам што значи клубот. Има два начини да се победи во меч – да примиш помалку голови или да се обидеш да дадеш повеќе. Секогаш сум повеќе за вториот пристап“, вели Терзиќ.

38-годишниот Терзиќ, со потекло од Босна и Херцеговина, се врати во Дортмунд во 2018 година кога беше ангажиран Фавр и последните две и пол години беше негов помошник. Тој признава дека не било лесно да се прифати да се стане привремен тренер.

„Морав бргу да размислам бидејќи бев дел од тренерскиот тим и морав и јас да ја прифатам одговорноста за поразот. Седнав со семејството и размислив добро и решив да го прифатам предизвикот. Не беше лесно да се види отказот на Лусиен, но ова е фудбалот. Сега мораме да одиме напред“, додава Терзиќ.

Share
Scroll to Top