Американската вселенска агенција NASA ја одложи вселенската прошетка на астронаутите, бидејќи постои загриженост поради безбедносната закана од вселенскиот отпад.

NASA не откри од каде доаѓа вселенскиот отпад, но јасно е дека неговата близина е доволна причина за одложување на вселенската прошетка. Русија пред две недели намерно го разнесе својот сателит во орбитата, што резултираше со илјадници опасни фрагменти опасни по Меѓународната вселенска станица.

Астронаутите на NASA, Кајла Барон и Томас Маршбурн веќе ги облекоа своите вселенски одела и беа подготвени да ја напуштат станицата за да ја заменат антената, но мисијата беше одложена. Тоа би било петта вселенска прошетка за Маршбурн и прва за Барон.

Агенцијата соопшти дека нема доволно време да го процени ризикот што вселенскиот отпад го претставува за астронаутите, па најдобро решение беше да се одложи вселенската прошетка.

Ова е втор пат во последните две недели вселенскиот отпад да направи проблем и да ги наруши плановите на ISS. Контролорите од Земјата, на 15 ноември ги разбудиле членовите на екипажот и го советувале да најдат засолниште, бидејќи Русија извршила антисателитско тестирање. Таа користела проектил за да го уништи својот сателит, а резултатот се 1.700 парчиња отпад што може да се следат и илјадници помали парчиња чие следење е невозможно. Со оглед на фактот што сателитот орбитирал релативно блиску до ISS, отпадот може периодично да помине покрај станицата.

Дали прошетката е одложена токму поради остатоците од рускиот сателит се уште не е потврдено.