Напаѓачот на Удинезе, Илија Несторовски, не ја крие возбудата пред решавачкиот натпревар на Македонија за пласман на Европското првенство во фудбал. Со душа го чека историскиот натпревар што ќе се игра утре во Тбилиси, Грузија.
„Ќе дадеме сè од себе да ја израдуваме целата нација“, вели Несторовски во интервју за „Репортер“. Ако победат, Македонија првпат ќе се пласира на едно големо фудбалско натпреварување. За Несторовски и за соиграчите, тоа ќе биде остварување на сонот.
Познатиот фудбалер ни откри дека уште поголем мотив за да игра е поддршката што ја има од сопругата и децата, за кои ни раскажа дека го испратиле од дома со порака да се врати како победник.
„Пред да тргнам за Македонија сопругата и децата ми рекоа: ‘Тато, ајде убаво да си поминеш, да победите и да дадеш гол’. Тие ми се најголемата поддршка, го следат секој мој натпревар“, ни рече Несторовски.
Ни откри дека атмосферата во репрезентацијата деновиве е опуштена, но дека сите во тимот се свесни колку е важен овој натпревар. Македонија пред еден месец веќе играше со Грузија, а според Несторовски, сега ќе биде малку полесно затоа што веќе го знаат противникот.
„Бидејќи во време на пандемија се игра без публика, домашниот терен нема никаква предност, па не ни е проблем тоа што последниот натпревар го играме на гости. Притисокот е ист како и за секој друг натпревар. Сега го познаваме подобро противникот, ги знаеме нивните слаби и добри страни, знаеме за каква репрезентација станува збор. Но, оваа генерација што ќе игра утре има две предности, а тоа се заедништвото што постои во тимот и Горан Пандев. Ветувам дека ќе дадеме сè, до последниот атом од нашите сили, да го израдуваме македонскиот народ во овие тешки времиња“, искрен е Илија.
Италијанските, но и македонските медиуми, деновиве пишуваат дека Несторовски од пролет ќе си замине од Удинезе и дека ќе игра во клуб од Серија Б.
„Во фудбалот работите се менуваат многу бргу, во еден момент можеш да бидеш на дното, а во друг на врвот. Моментно сум концентриран на македонската репрезентација. Сакам да се пласираме на Европското, а после тоа, здравје, има време за одлуки“, додаде тој.
А. Јовановска